Според новите пресметки на физичарите, центарот на Земјата е за 2,5 години помлад од нејзината површина, благодaрение на гравитацијата како што предвидува општата теорија на релативитет на Ајнштајн.
Вакво нешто предвидел и теоретскиот физичар Ричард Фајнман уште во 1960 година, кога во серија предавања навел дека закривеноста на структурата простор-време, теоретски би требало да направи разлика во староста помеѓу центарот на Земјата и нејзината површина, која изнесува еден или два дена.
Оттогаш овој „факт“ е цитиран во многу документи од други физичари, па дури и во некои универзитетски учебници, но никој досега не се обидел да истражува дали проценките на Фајнман се навистина точни.
Физичарот Улрик Угерхој од Универзитетот Архус во Данска и неговиот тим го пресметале она што е познато како гравитационен потенцијал на површината и во јадрото на Земјата.
Гравитациониот потенцијал на одреден објект е еднаков на работата (или пренесената енергија) по единица маса што ја применува силата на гравтацијата кога тој објект се поместува од една локација на друга во просторот. Со други зборови, колку енергија е потребно за одреден објект да се помести од точка Х до точка Y.
Според општата теорија на релативитет на Ајнштајн, колку е помасивен еден објект толку е поголема закривеноста на структурата простор-време, а ова создава гравитација што го успорува времето во околината на објектот. Ова предизвикува часовник поставен во центарот на Земјата да работи нешто поспоро од часовник поставен на површината, бидејќи јадото на Земјата има значително поголема маса, а со тоа и поголем гравитационен потенцијал.
Овој феномен може практично да се забележи при работата на ГПС-сателитите што се поставени на височина од 20,200 км над површината на Земјата. Бидејќи се пооддалечени од гравитационото поле на Земјата, нивниот часовник работи побрзо од часовниците на површината, така што податоците што ги испраќаат треба да се коригираат, за да сѐ биде синхронизирано.
Угерхој и неговиот тим утврдиле дека од постанокот на нашата планета, времето во нејзиното јадро заостанува зад времето на површината само за делови од секунда – или приближно 0, 0000000003 делови од секунда што се чини занемарливо, но за време на досегашните 4,5 милијарди години животен век на планетата, тоа се акумулирало до разлика од 1,5 години.
Кога во ова била вклучена разликата во густината на јадрото и површината, била добиена разлика од 2,5 години.
Сепак, и натаму останува претпоставката дека јадрото на Земјата се формирало пред нејзината површина, но заради влијанието на гравитацијата врз времето, тоа старее поспоро од нејзиниот надворешен дел.
Утерхој признава дека овие бројки не може експериментално да се потврдат. Но, бидејќи општата релтивност ги поминала сите тестови досега, најверојатно е дека се точни. А бидејќи, колку што е познато оваа теорија важи за целиот универзум, истиот ефект се јавува кај кое било друго масивно тело, вели Утерхој. На пример, Утерхој и неговиот тим пресметале дека јадрото на Сонцето е за 40.000 години помладо од неговата површина.
Истражувањето е објавено во „European Journal of Physics“.