Благодарение на мисиите на НАСА и Европската вселенска агенција, кои беа планирани и имплеметирани пред десетина години, 2015 година беше исклучително успешна кога се работи за вселенските истражувања.
Еве ги десетте најинтересни настани од оваа област кои ја одбележаа 2015 година.
11 1. Прелетувањето на „Нови Хоризонти“ на Плутон
Веројатно едно од најголемите достигнувања од оваа област на годината, ако не и на деценијата се откритијата на „Нови Хоризонти“ кои покажуваат дека далечниот Плутон бил активен и разновиден свет, како и кој било друг досега истражен.
Иако овој далечен свет дефинитивно не претставува планета, леденото џуџе Плутон е вистински крал помеѓу новата класа Плутоиди кои претставуваат посебна фаза во формирањето на планетите.
22 2. Вода (но не и атмосфера) на Марс
Откритието дека на Марс има течна вода е од огромна важност, бидејќи каде што има вода има и живот (барем тука на Земјата). Тоа значи дека би требало да ги преиспитаме условите под кои би требало да постои вода, а со тоа и можностите за живот.
Црвената планета се најде на оваа листа и поради неверојатното откритие што го направи леталото „МАВЕН“ на НАСА, дека Сонцето е причина за уништувањето на атмосферата на Марс, пред околу четири милијарди години, претварајќи го овој свет богат со вода во непријатна пустина каква што е денес.
33 3. Фили се разбуди
Лендерот Фили, во ноември минатата година, стана првиот лендер кој слета на комета (кометата 67П/Чурјумов Герасименко). Но, се смести под сенката на карпа при што не можеше да се напојува од сончевата енергија и премина во фаза на хибернација. По седум долги месеци, во 2015 година, Европската вселенска агенција објави дека Фили се разбуди и оттогаш испраќа податоци до Розета, која орбитира околу кометата.
44 4. Далечните светови откриени од Кеплер
Вселенското летало Кеплер на НАСА ја продолжува потрагата по егзопланети околу ѕвездите во нашиот Млечен Пат, а досега има потврда за 1030 далечни планети. Едно од највозбудливите откритија беше откритието на карпеста планета слична на Земјата, која орбитира околу ѕвезда слична на Сонцето, што беше наречена „Кеплер-452b“ или „близначка на Земјата. Сепак, не може да се каже дека „Кеплер-452b“ е погодна за живот, затоа што сѐ уште не можеме да ја измериме нејзината атмосфера. Но откривањето на карпеста планета во хабитабилната зона која е погодна да содржи течна вода е голем чекор напред во нашата потрага по Земја 2.0 и откривање на живот надвор од нашата планета.
55 5. Иницијативата „Breakthrough Listen“ за откривање на вонземен живот
Со оваа неверојатна инцијатива вредна 100.000.000 долари, финансирана од рускиот милијардер Јури Милнер, ќе се користат два од најголемите светски радио телескопи – меѓу кои и австралискиот Паркс, за откривање на сигнали од вонземен живот од најблиските ѕвезди и стоте најблиски галаксии. Исто така ќе се користи и оптичката опсерваторијата „Lick“, во случај вонземјаните да користат комуникација на база на ласер. Во својата децениска потрага, астрономите ќе се обидат да одговорат на најважното прашање на сите времиња – дали сме сами во вселената?
66 6. Марсовецот
Ретко кој филм успеал да ја пренесе науката на толку адекватен начин за да може да се користи и во едукативни цели. Но, сега тоа му успеа на филмот „Марсовецот“.
Исклучително детално се опишани физиката и орбиталната динамика, системот за одржување на живот, астро-биологијата, како и некои потресни моменти од животот на астронаутите кои ја истражуваат вселената.
77 7. Крвава месечина
Еден од најнабљудуваните вселенски настани оваа година беше затемнувањето на Месечината, што во некои кругови се сметаше и за „предвесник на апокалипсата“. Причина за ова е што при затемнувањето Месечината доби боја црвена како крв. Ова се случува кога Месечината се наоѓа во својата најблиска точка до Земјата. Оваа, за некои прекрасна, а за некои застрашувачка глетка, повторно ќе може да се види дури во 2033 година.
88 8. Истражувањата на Церера
Мисијата „Зора“ на Наса на Церера – џуџестата планета и најголемото тело во астероидниот појас, беше засенета од мисијата на прелетувањето на „Нови хоризонти“ на Плутон.
Сепак, со мисијата беше забележано дека на Церера има бизарни светли региони што блескаат во инаку искучително темниот свет. Ова беше толку неочекувано што НАСА креираше онлајн анкета за да може секој да ги каже своите претпоставки за ова откритие.
99 9. Стартувањето на „LISA Pathfinder“
Трката за тестирање на предвидувањата на Ајнштајн за гравитационите бранови започна да се загрева оваа година, а главните возбудувања се очекуваат во 2016 година.
Европската вселенска агенција во декември успешно ја лансираше „LISA Pathfinder“, но технички тоа значи дека својата мисија (да орбитира помеѓу Земјата и Сонцето) ќе ја започне во февруари. Сепак ова се најде на листата бидејќи претставува првиот критичен чекор и демонстрација на врвната технологија на овој детектор на гравитациони бранови базиран во вселената.
1010 10. Првата салата одгледана во вселената
Астронаутите на Меѓународната вселенска станица ја одгледаа и пробаа првата салата во вселената. Демонстрацијата дека може сами да одгледуваме храна за нашите потреби во вселената е од исклучителна важност при можните миграции на човекот од Земјата во други делови од Сончевиот систем.